HBO ГО ПРЕТСТАВУВА ПРВИОТ ТИЗЕР ЗА HBO ORIGINAL ХАРИ ПОТЕР СЕРИЈАТА КОЈА ПРИСТИГНУВА ВО ДЕКЕМВРИ 2026 ГОДИНА
HBO Max го објави службениот тизер за првата сезона во осум продолженија за претстојната HBO Original Хари Потер серија со наслов „Хари Потер и каменот на мудроста“ (Harry Potter And The Philosopher’s Stone). Серијата ќе има премиера во декември 2026 година на HBO Max стриминг услугата и на HBO каналот.
Нема ништо посебно околу Хари Потер. Барем така секогаш зборувала неговата тетка Петунија. На неговиот единаесетти роденден, писмото дека е примен во Училиштето за вештерство и волшебништво Хогвартс ќе му го отвори на Хари скриениот свет на забавата, пријателствата и магијата. Но, со оваа авантура доаѓа и голем ризик затоа што Хари ќе мора да се соочи со опасен непријател од своето минато.
Во серијата настапуваат Доминик Меклафлин како Хари Потер, Арабела Стантон како Хермиона Грејнџер, Аластер Стоут како Рон Визли, Џон Литгоу како Албус Дамблдор, Џенет Мектир како Минерва Мекгонагал, Папа Есиејду како Северус Снејп, Ник Фрост како Рубеус Хагрид, Рори Вилмот како Невил Лонгботом, Локс Прат како Драко Малфој, Лио Ерли како Симус Финиган, Илајџа Ошин како Дин Томас, Тристан Харланд како Фред Визли, Габриел Харланд како Џорџ Визли, Руари Спунер како Перси Визли, Алесија Леони како Парвати Патил, Сиена Муса како Лавендер Браун, Фин Стивенс како Винсент Краб, Вилијам Неш како Грегори Гојл, Варвик Дејвис како Филиус Флитвик и Сирин Саба како Помона Спраут.
Во серијата глумат и Даниел Ригби како Вернон Дарсли, Бел Паули како Петунија Дарсли, Пол Вајтхаус како Аргус Филч, Џони Флин како Лусиус Малфој, Берти Карвел како Корнелиус Фаџ, Лук Талон како Квирајнус Квирел, Кетрин Паркинсон како Моли Визли, Ејмос Китсон како Дадли Дарсли, Грејси Кокран како Џини Визли, Ричард Дарден како Катберт Бинс, Луиз Брејли како Роланда Хуч, Брид Бренан како Попи Помфри, Ли Гил како Грипхук и Антон Лесер како Гарик Оливандер.
Сценарист и извршен продуцент на серијата, која се базира на популарните книги на Џ. К. Роулинг, е Франческа Гардинер. Марк Мајлод е извршен продуцент и режисер на повеќе епизоди за HBO, во соработка со Brontë Film and TV и Warner Bros. Television. Извршни продуценти се и Џ. К. Роулинг, Нил Блер и Рут Кинли-Летс од Brontë Film and TV и Дејвид Хејмен од Heyday Films.